Се гасне можноста за изградба на Бурмали џамијата во Скопје

Завршува сонот за повторна изградба на Бурмали џамијата на скопскиот плоштад. Ова го изјави поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, во емисијата „Патот кон…“ на Алсат, додавајќи дека прашањето со овј верски објект повеќе не ѝ припаѓа на ИВЗ, туку на турските власти кои побарале поништување на барањето за повторна изградба. Реџепи изјави и дека за ова прашање се пазареле македонските и турските власти, но оти досега не се знае кој и што придобил од овој договор.

„Јас не сакам понатаму да се манипулира со Бурмали џамијата бидејќи имам верска обврска. Работата е на друго место. Не вреди тоа да го бараме ниту од ДУИ, ниту од ДПА, ниту од ИВЗ, туку од турско-македонските односи. Оваа џамија, ова место, оваа локација дефинитивно е отуѓена, со што беше сменета. Само тие знаат, а мене од одговорни и еминентни субјекти од Република Турција ми е кажано да не продолжувам понатаму со ова барање… Затоа, за сè што правиме, ни велат – каде ја оставивте Бурмали џамијата? Тоа не е наше прашање“, рече Сулејман Реџепи, поглавар на ИВЗ.

Од Амбасадата на Турција денеска не беа достапни да дадат коментар на изјавата на поглаварот Реџепи. Во меѓувреме, од Координативниот совет на невладините организации за Бурмали џамијата велат дека ќе останат на иницијативата за повторна изградба на објектот.

„Ние како совет на невладини организации немаме ниту пристап, ниту документација, ниту ингеренции за да бидеме дел од тој триаголник во кој, како што изгледа, ДУИ, ИВЗ и Турција сакале да се загуби муабетот за Бурмали џамијата. Но, можеме да им потврдиме на сите да се знае дека Бурмали џамијата е стар сон на сите скопјани и тоа таква каква што била од пред 70 години, повторно ќе се појави и повторно ќе продолжи. Ништо не е завршено за на век, Скопје е и ќе остане и наш град, но и град на Бурмали џамијата“, рече Рамадан Рамадани, Координативен совет за Бурмали џамијата.

Оваа џамија била урната во 1925 година кога Скопје беше под српска окупација, а на нејзино место беше изграден Офицерскиот дом, кој беше урнат по земјотресот во 1963 година. Инаку, денеска на истото место се гради објект во кого ќе има повеќе содржини./Alsat/