Дел од интервјуто за ВЕСТ: Џабе реклами за соживот


(Интервју / АФРИМ ТАХИРИ, ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ИСЛАМСКАТА ВЕРСКА ЗАЕДНИЦА / ВЕСТ, 25, 26, мај 2013, страна 11,12,13)

Министерство за транспорт и врски не сака да објави тендер за да го купиме земјиштето на Кале, во близина на американската амбасада. Очигледно, многу е тешко да купиме државен имот, исто како што е тешко и да си го вратиме нашиот со денационализација. Државата не ни дава дозвола да градиме на таа локација, а на Католичката и на Еврејската заедница им ги продаде бараните локации.

Како генерален секретар на Исламската Верска Заедница во Македонија, Африм Тахири веќе седма година по ред ги координира сите активности на релација поглавар-служби во ИВЗ, околу прашањата и проблемите поврзани со образованието, културата, информативниот систем, вели дека приоритет му е да го стабилизира верскиот живот преку почитување на правата на сите верски заедници во земјата. ИВЗ ја бојкотираше Третата светска конференција за меѓурелигиски дијалог во Скопје, оти државата ги игнорира нејзините барања за реизградба на Чарши џамијата во Прилеп, за изградба на нова џамија во Лажец, Битолско, и за враќање на имотот кој им следува по основа на денационализација.

Што ве налути толку за да ја бојкотирате Третата светска конференција за меѓурелигиски дијалог во Скопје пред две недели?

– За разлика од првите две конференции во 2007 и 2010 година, кога имавме активно учевство, годинава ја бојкотиравме конференцијата уште од почеток. Вистината е дека уште пред Втората светска конференција ние имавме забелешки и консултации со Владата на Македонија, односно со Министерството за култура, за да издејствуваме да добиеме дозвола за реизградба на Чарши џамијата во Прилеп, за изградба на нова џамија во Лажец, Битолско, и уште неколку барања. Но иако нема никаква правна пречка, државата се уште одбива да ни ги исполни. За Чарши џамијата во Прилеп, која е заштитена како споменик на културата, направивме и договор со Управата за заштита на културното наслество, со кој таа се обврза да почне да ја обновува уште во 2010 година. За таа цел, дадовме и донација за почеток на првата фаза од реконструкцијата, која легна на нејзина сметка и толку. Работите се уште стојат во место, поради што одлучивме да не присуствуваме на годинешнава конференција. Истото ќе се случеше и во 2010 година, но со постредство на тогашниот американски амбасадор во Скопје, Филип Рикер, попуштивме и дојдовме до спогодба. Веќе немаме трпение и доколку во најбрз рок државата не почне да си ги исполнува ветувањата, ИВЗ размислува да ја тужи пред меѓународните судови.

Колку нови џамии се градат во моментот и каде?

-Градиме секаде каде што верниците имаат потреба. Ние немаме проблем со изградбата на верски објекти. Не ни пречи тоа што во населбата Аеродром на секој чекор се градат цркви, но реагираме затоа што Општината не ни дозволува само една џамија во населбата Лисиче, каде што нашите верници со децении дневно минуваат по десет километри за да отидат во најблиската џамија. Не сме по секоја цена да се креваат верски објекти, но треба да мислиме на верниците и каде што има потреба, да им овозможиме услови за извршување на верските потреби. Џамиите ги градиме на наш имот, а се поставува прашањето на чиј имот се градат црквите.

Најдовте ли решение за Бурмали џамијата на Плоштад?

-Уште во 2007 година, испративме барање до централната, локалната и до градската власт, но до изборите годинава немавме никаков одговор. Сега за првпат Владата ни вети дека во најбрзо време ќе се побара решение за изградба на Бурмали џамијата. Овие денови ќе одредиме кога ќе седнеме и ќе го поставиме прашањето за џамијата на маса.

Добивте ли дозвола за резиденција на Кале?

-Дадовме пари за промена на Деталниот урбанистички план за да можеме да изградиме резиденција на Кале, на локација која се наоѓа во близина на американската амбасада. Тука имаме турбе и ја сакаме таа локација, но никако не можеме да извадиме дозвола, иако сметаме дека нема правна пречка за такво нешто. Министерството за транспорт и врски не сака да објави тендер за да го купиме земјиштето. Очигледно, многу е тешко да купиме државен имот, исто како што е тешко и да си го вратиме нашиот со денационализација. Католичката црква доби локација на Водно, нови локации доби и Еврејската заедница, само ние не можеме да извадиме дозвола за да градиме.

Баравте од државата заштита од вахабисти, за кои тврдевте дека ги окупирале трите централни џамии во Скопје?

-Вахабистите, според државните институции, не постојат во Македонија, па не можам да коментирам за нешто што не постои.

Како гледате на ‚‚Скопје 2014‘‘

-Тоа е моноетнички и моноверски проект. Имавме многу забелешки околу тоа. Но за жал, без резултати. Вака не може да се гради здраво општество. Тоа треба да им е јасно на сите во оваа држава.

Има ли соживот во пракса или само во декларација?

Џабе декларации во кои се форсира соживот, кога реално не постои. Ние реално не можеме да се обединиме ниту на еден фудбалски натпревар. Тоа е имиџот на државата, за жал. Џабе реклами на ‚‚Си-Ен-Ен‘‘ за промоција на државата кога никој нема да дојде да инвестира во земја без соживот на заедниците. Нема да се задоволиме со ништо помалку од тоа да се почитуваат законите и договорите. Во оваа насока, првин треба да работат владините институции, па верските заедници и секој верник. Во пракса треба да се покаже поголема култура на разбирање меѓу себе. Политиката место да провоцира и да ни го уништува соживотот, треба да поработи на доближување на сите верски заедници во Македонија. Тоа е реалноста и нема бегање од тоа.

Милена Ѓорѓиевска



Поврзани содржини


https://youtu.be/ur-vr-3TJfQ