ИВЗ се предомисли, ултиматумот до Владата го одложи

Исламската верска заедница во повторното обраќање до јавноста вели дека по нивното прво обраќање до Владата не постоела намера за уцена или закана за мобилизација на муслиманските верници против актуелната власт. ИВЗ смета дека проблемот не треба да се решава во медиумите, но сепак, бара итно враќање на национализираните имоти, потенцирајќи дека процесот се одолговлекува 20 години, како и дека само 40 проценти од околу 350 објекти кои треба да бидат денационализирани, досега се решени.

Од ИВЗ велат дека реагирале до Владата со писмо, затоа што според нив чашата се прелеала во моментот кога реставрацијата на Алипашината џамија и изградбата на минарето во Охрид биле оспорени од здружението „Совест“.

„Наредните чекори ќе ги преземеме по завршувањето на претседателските избори. Не сакаме да бидеме дел од предизборните политички манипулации, но трпението ни е при крај“, велат од Исламската верска заедница и потсетуваат дека Владата најавуваше реформи и не ги исполнува предизборните ветувања и не нуди конкретни одговори на нивните барања.

„Пред почеток на кампањата за претседателските избори, поради големиот притисок од муслиманските верници, ќе бидеме принудени во 700 џамии во земјата да ги информираме верниците за долготрајната дискриминација што се врши кон ИВЗ и кон нејзините членови, со сите последици врз општествените односи во земјава“, се обратија неодамна од ИВЗ до премиерот Зоран Заев.

Поглаварот на ИВЗ, реис-ул-улема Сулејман Реџепи во писмото до Владата потсети на барањето на голем број на нивни имоти.

На ова од Владата одговорија дека ги отфрлаат обвинувањата дека која било верска заедница е фаворизирана во државата, „а таквото обвинување го сметаме за претенденциозно и паушално“.

„Проблемите да се решаваат со дијалог. Има простор да се разговара и не сметам дека треба да има некаков проблем помеѓу државните и верските институции“, изјави лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, по судирот меѓу Владата и ИВЗ.

Заев изјави дека зад писмото на ИВЗ во овој момент, стојат лични интереси. За министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ова е класична уцена аод поглаварот Реџепи и дека тоа Владата нема да го прифати./mkd.mk/